АЛПИНИСТИЧКА АКЦИЈА ВО МАЛТА, АВСТРИЈА

Пред неколку дена од Австрија се вратија членовите на Македонската алпинистичка федерација, кои имаа за цел да направат искачувања на мразевите во областа Малта Каринтија.

Во акцијата учествуваа шест членови:  Ристе Калинов, Крунослав Аџиевски, Илија Циривири, Здравко Спасев, Владимир Цветкоски и Жикица Ивановски. Акцијата  е дел од програмата за работа на Македонската Алпинистичка Федерација за 2012 година.

Беше најавена од комисијата за обука пред извесен период и се изведе во вкупно времетрање од 7 дена.
Целта на акцијата беше запознавање на локалитетот, искачување на алпинистички насоки и стекнување искуство во странски алпинистички центри.

Алпинистите пристигнаа на 6-ти Февруари во долината на Малта каде што и беа сместени до крајот на патувањето.


Распоредот на качувањата се одвиваше во 3 наврски, секојдневно, за време на целиот престој.

Првиот ден беа качени две насоки, Aluhol (WI3, 180m) и Dreifaltigkeitsfall (WI3+, 80m), северно ориентирани линиии со цврст мраз и одлични услови за качување.

Потребно е да се напомене дека оцените на насоките во водичот и реалната состојбата на мразот за качување, можат да бидат различни. Заради промените во температурата и количеството на вода, настануваат промени во дебелината на мразот и наклонот на линијата за качување. Тоа условуваше оцената на некои од искачените линии на ‘‘терен‘‘ да биде повисока за најмалку еден степен од тоа што е објавено во водичот. Ова ни го потврдија и локалните алпинисти.


Левата варијанта на Strannenbach (WI2-3, 350m).

Една од најдолгите насоки во локалитетот, препорачана во водичите како насока за вовед во качувањето. Долга, со сигурно обезбедување која нуди можност за  ‘‘билдање на километражата‘‘ и сигурноста во качување на мраз. Беше качена веќе во вториот ден од престојот на алпинистите и тоа од страна на сите три наврски.


Mittlerer Maralmfall (WI4+ 200m), Vorderer Maralmfall (WI3 – WI5 80m).

Kачени се два сестрински водопади, лоцирани еден покрај друг, со краток пристап до нив. Областа на Maralmfall понуди квалитетно и долго качување тој ден, со неколку варијанти на насоките и качувачки детали кои ни оставија голем впечаток и побудија амбиции за лични проекти идната година.  Две наврски го качуваа Mittlerer, а една Vorderer.

Strannenbach (WI2-3, 350m) – Десна варијанта и Dreifaltigkeitsfall (WI3+, 80m).

За последениот ден од престојот во долината на Малта беше решено да се поделат наврските, за да се изработи одреден тип на тренинг, кој беше предвиден со првичниот план за работа (долга насока, техника на качување, работа со опрема на мраз итн).  

Повеќето од линиите скоро и да не беа формирани, а во голем дел од нив, како што добивме информација од австриски и унгарски алпинисти со кои се запознавме, мразот оваа година е драстично потенок во споредба со претходните. Генерално локалитетот има идеални услови за врвни алпинистички искачувања во сериозни насоки со високи оцени. Земајќи ја во предвид и локацијата на сместувачките објекти, оваа област нуди одлични услови за ‘‘Шамони стил‘‘ на качување, со топол оброк и топло сместување после секоја качена насока.

Можеме да кажеме дека качувањата се и повеќе од успешни, земајќи го во предвид фактот дека ова е прва акција на македонски алпинисти од ваков карактер досега. Големата мотивација која е присутна кај самите алпинисти и воопшто во македонскиот алпинизам,  е стимул за поголем тренинг и многу квалитетни искачувања во оваа 2012 година.

Ентузијазмот во македонскиот алпинизам е на високо ниво и тоа е одлична основа за да се покаже дека постои квалитет за искачувања од висока категорија, како во домашните локалитети, така и надвор од земјата. Едновремено, тоа е непобитен факт дека македонските алпинисти даваат значаен придонес во афирмацијата на македонскиот спорт и земјата воопшто.

Во наредниот период, кон крајот на месец Февруари, ќе се оддржи јавна фото и видео презентација од страна на алпинистите кои учествуваа во акцијата.

Здравко Спасев,

Македонска Алпинистичка Федерација

Правилник на МАA

Текстот на правилникот е во процес на преработка заради усогласување со меѓународни стандарди. Конечната верзија ќе биде во функција од месец Мај 2011 година.

Можете да го спуштите на следниот линк. 

- Правилник за работа на МАА

Преземање на пријави за полагање:


-Пријава за полагање на алпинистички назив Аспирант за Алпинист

-Пријава за полагање на алпинистички назив Алпинист