Инструкторска презентација, состанок на членовите на МАФ и состанок на УО на федерацијата.

Вчера, во Сабота на 29 Октомври се случија неколку важни настани за македонскиот алпинизам.

Прво, како што беше и претходно најавено, Игор Талевски имаше презентација на тема ‘‘За стилот‘‘ која всушност беше одбрана на инструкторски труд. Согласно со новите одредби од алпинистичкиот правилник, изменета е постапката за стекнување на највисокиот алпинистички назив - Инструктор по алпинизам. Покрај исполнување на одредбите кои се предвидени во правилникот, верификацијата на називот Инструктор по алпинизам се врши со одбрана на труд - истражување од областа на алпинизмот.

Имајки ја во предвид тежината и важноста на овој алпинистички назив, класичното полагање е заменето со одбрана на истражувачки труд.

Истражувачкиот труд на Игор Талевски имаше наслов ‘‘За стилот‘‘ и во својот генерален концепт третираше една главна и неколку споредни области.

 

Суштината на трудот се однесуваше на реалната перспектива на алпинизмот како дејност, тргнувајки од основниот етички концепт на индивидуалниот и колективниот приод кон неа.

За подобра илустрација и попластично презентирање на важноста на ментално духовниот или ‘‘фер‘‘ пристап кон алпинизмот, беше искористена презентацијата  на стилот на чистото качување (clean climbing), при што беа објаснети техничките разлики помеѓу стиловите во качувањето, со потенцирање на основната поделба на традиционално и спортско качување.

Меѓутоа техничките податоци кои беа презентирани детално и со цитирање на повеќе различни извори од признат светски формат, беа само основа за да се потенцира важноста на етичкиот приод кон качувањето и алпинизмот воопшто, како и да се потикнат алпинистите да се запрашаат за неколку важни прашања како што се: Зошто качуваме; Што е успех во качувањето и алпинизмот; Каде е местото на човекот, а каде на опремата при качувањето, при тоа парафразирајки го Рајнхолд Меснер со неговата позната мисла - ‘‘Довербата во самите себеси се заменува со доверба во опремата‘‘.

Тоа беше една брилијантна презентација со која Игор уште еднаш го потврди својот философски и интелектуален приод кон алпинизмот. Слушателите можеа да уживаат, да се подсетат на некои работи но и да научат многу нови нешта.

Со еден збор македонскиот алпинизам може да се гордее со тоа што имаме луѓе со силен капацитет, не само во теоријата туку и во праксата, и уште еднаш се потврди дека доаѓаат нови времиња за нашиот алпинизам кога ќе бидеме подготвени за соочување со врвни алпинистички предизивици и уште поголем развој на институцијата Македонски Алпинизам.

Истата вечер беше направена и слајд проекција на материјали од кадровската акција во Доломитите која беше реализирана за време на месец Август оваа година. Преку искажувањата на учесниците можевме на прекрасен начин да се запознаеме со акцијата Доломити од двете страни, од надвор, но и од внатре. Покрај прецизните технички податоци што  ги слушнавме и видовме, имавме прилика да се запознаеме и со многу интересни информации кои се од огромна важност за организирање идни акции од ваков тип.

Презентација само го потврди претходниот впечаток дека во акцијата ‘‘Доломити 2010‘‘ учествуваа вистинските луѓе и вредни алпинисти кои во иднина ќе бидат еден од столбовите на нашата алпинистичка заедница.

Помеѓу двете презентации беше одржан и заеднички состанок на кој учествуваа сите регистрирани членови на Македонската Алпинистичка Федерација, чија што цел беше да се разговара за сегашните состојби и да се разгледаат предлози за подобро функционирање на федерацијата во наредниот период.

Помеѓу повеќето заклучоци, одвојувам два како посебно важни, а тоа се:

- Искажаниот став - потреба на младите алпинисти за почесто организирање алпинистички собири, и

- Формирање еден вид координативно тело составено од млади алпинисти што ќе работи заедно со управниот одбор во креирање на подобра стратегија за работа на федерацијата и кое што ќе превземе дел од организациските активности на управниот одбор.

Во вечерните часови се одржа и состанок на управниот одбор на федерацијата на кој што присуствуваа сите членови и беше усвоен планот за работа за наредната 2012 година.

Скопје, 30 Октовмри 2011 година
Костантин Циривири,

 

Претседател на
Македонската Алпинистичка Федерација

 

 

Правилник на МАA

Текстот на правилникот е во процес на преработка заради усогласување со меѓународни стандарди. Конечната верзија ќе биде во функција од месец Мај 2011 година.

Можете да го спуштите на следниот линк. 

- Правилник за работа на МАА

Преземање на пријави за полагање:


-Пријава за полагање на алпинистички назив Аспирант за Алпинист

-Пријава за полагање на алпинистички назив Алпинист