ЗА АЛПИНИЗМОТ

Алпинизмот е спортска дејност, која што се одвива на стрмни и високи карпи и претставува дел од поширокото семејство на планинарски спортови. Алпинистичките активности, најчесто се состојат од искачување на ‘‘необработени‘‘ карпи каде што нема поставено комплетно осигурување или обележување и каде што во голема мерка е задржан природниот изглед на карпата.

 

Успехот на алпинистичките искачувања, не зависи само од силата на алпинистот или неговата техничка способност за движење по рељефот на карпата, туку и од способноста за интегрално решавање на сите проблеми при качувањето, како што се: поставување сопствено осигурување, внимавање на ронливоста на карпата, правилна ориентација во карпата и избор на правецот - насоката на качување, проценка на временските прилики и сл. Со оглед на тоа што најголемиот дел од алпинистичките локалитети, се наоѓаат во планински или ридски области, неопходно е експертско познавање на основните планинарски вештини.

 

Зимските алпинистички искачувања како и качувањата на неискачени карпи

на повисоките планини, преставуваат најкомплексни алпинистички дејности и воопшто едни од најтешките и најопасните спортски дисциплини. Токму тоа е главната карактеристика на алпинистичката дејност, по која што алпинизмот се разликува од другите планинарски спортови.

 

Како дејност, алпинизмот не е само спорт. Дефинирањето на алпинизмот од аспект на спортската наука, наметнува многу тесна рамка во која што не може да се даде целосен опис на алпинизмот и токму заради тоа се јавуваат големиот број недоразбирања и дезинформации кои постојат во јавноста околу алпинизмот. Алпинизмот е начин на размислување и философија на живеење. Вистинскиот алпинист не се занимава со алпинизам само за време на алпинистичкото искачување или за време на тренингот: денот на алпинистот почнува и завршува со алпинизам.

 

Алпинизмот не се одвива пред публика, во алпинизмот нема гардероби, топли тушеви, ниту журки после качувањето. Алпинизмот е контемплативен однос на човекот со планината, карпата - како еден од најсигурните начини за пронаоѓање на подоброто во себе. Тешкотиите и опасностите со кои се среќаваме за време на алпинистичките искачувања, ја зголемуваат нашата свесност за постоењето и не’ учат на поголема љубов и почитување на животот со сите негови убавини и вредности.

 

Организираната алпинистичка активност во Република Македонија, се одвива во рамките на алпинистичките клубови. Согласно со измените во Законот за спорт, алпинистичките секции кои претходно беа носители на алпинистичката активност, се трансформираа во алпинистички клубови. Активните алпинистички клубови, во кои се одвива организирана алпинистичка  активност, се здружени во Македонската алпинистичка федерација.

 

Заради специфичноста на алпинизмот и присутната опасност, алпинистичката дејност е строго регулирана со документи и акти за работа, кои се интегрирани во Правилникот за работа на Македонската алпинистичка федерација. Важен дел од алпинистичката дејност, претставува алпинистичката обука која може да биде спроведувана само под надзор на Инструктори по алпинизам, со важечка лиценца и во согласност со одредбите од Правилникот за работа. Алпинистичката обука се изведува преку алпинистичките училишта, кои функционираат во рамките на клубовите и кои работат според унифицирана програма.

 

Основна форма на активност во рамките на Македонската алпинистичка федерација се алпинистичките собири, за време на кои се изведуваат и едукативни курсеви и семинари за одредени области од алпинистичката дејност.

 

Достигнувањата во алпинизмот се вреднуваат и класифицираат на различен начин од другите спортови. Во алпинизмот не постои натпревар во класичната смисла на зборот, иако за одредени алпинистички специјалности, како што се турното скијање или ‘‘ски алпинизмот‘‘ и качувањето во мраз, постојат натпреварувања. 

Алпинистичките искачувања се вреднуваат според квалитетот и комплексноста на искачувањето. Вреднувањето на алпинистичките достигнувања се врши според сложен систем на критериуми кои овозможуваат прилично објективна и прецизна анализа на алпинистичките резултати и нивна соодветна класификација.

 

Непознавањето на суштината на системот на алпинистичките вредности или негово површно познавање и толкување, се најчеста причина за погрешното дефинирање на алпинизмот, кое за жал, многу често се случува и од страна на институции и поединци кои се носители на сериозна општествена одговорност.

 

Заради приближување на алпинизмот до пошироката јавност, Македонската алпинистичка федерација организира јавни презентации и трибини, а на дел од алпинистичките собири исто така и „Отворени денови“, за време на кои може да се добијат стручни информации и совети во врска со алпинизмот.

Найти где скачать шаблоны Joomla 3.4.