За нас

Македонската Алпинистичка Федерација е национална спортска федерација - највисока форма на организирање на алпинизмот во Република Македонија. Федерацијата ја сочинуваат клубовите кои се занимаваат со алпинизам. Основна цел на федерацијата е омасовување и развивање на алпинистичката активност во Македонија, преку едуцирање алпинистички кадар, уредување алпинистички локалитети, издавање стручна литература, организирање врвни алпинистички акции и насочување на организациските активности во алпинизмот.

Формирање

Почетоците на постоењето на Македонската Алпинистичка Федерација, како организациска форма на македонскиот алпинизам, датираат од крајот на шеесетите години, кога со формирањето на првото алпинистичко друштво во Република Македонија - друштвото „Матка“, при тогашниот Планинарски сојуз на Македонија, се формира Комисијата за алпинизам.


Во почетокот на осумдесетите години од минатиот век, со започнувањето на првата програма за македонски алпинистички експедиции, комисијата е преименувана во Комисија за алпинизам и експедиции.


Овој назив и оваа организациска форма се во функција се’ до 1996 година, кога со одлука на Претседателството на тогашната Комисија, за време на еден алпинистички собир во локалитетот Матка, е формирана Македонската Алпинистичка Асоцијација. Новоформираната алпинистичка асоцијација, беше логичен континуитет на претходната Комисија за алпинизам, со тоа што беа направени некои структурни промени, со цел да се овозможи нејзино поефикасно функционирање во рамките на постоечкиот Сојуз на планинарски спортови, како и со цел да се одговори на новите предизвици кои стоеја пред македонскиот алпинизам.


Важно е да се напомене дека Македонската Алпинистичка Асоцијација е првата асоцијација која е формирана во рамките на планинарската федерација и на почетокот алпинистите беа критикувани за сепаратизам и дисидентство, посебно од оние кои посакуваа истото да го направат во својот спорт, но немаа ниту доволно храброст, ниту доволно доблест за такво нешто. Асоцијацијата беше лојален член на семејството на планинарски спортови, почитувајки ги Статутот и одредбите за работа и трошејќи најмалку пари од заедничката каса и покрај непобитните резултати во прилог на градењето на фундаментот за развој на алпинизмот, а тоа се образованието на нови луѓе, уредувањето на локалитетите и издавањето на стручна литература.


Во 2011 година, согласно Законот за спорт, асоцијацијата на алпинисти ја доби својата последна правна форма: Македонска Алпинистичка Федерација, која со тоа стана национална спортска федерација, која ги обединува македонските алпинисти.

Найти где скачать шаблоны Joomla 3.4.